Мелони очекува конкретни чекори од Русија за мир во Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски се сретна со италијанската премиерка Џорџа Мелони, при што разговорот помеѓу двајцата лидери траеше околу еден час, објави „Евронјуз“, повикувајќи се на соопштение од кабинетот на Мелони.
Средбата се одржа по погребот на папата Франциск, на кој присуствуваа Зеленски и многу други светски лидери. За време на разговорите, Зеленски и Мелони ја потврдија својата поддршка за напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за постигнување на праведен и траен мир кој ќе обезбеди иднина на безбедност, суверенитет и слобода за Украина.
Мелони, во име на италијанската влада, изрази сочувство за жртвите од неодамнешните руски напади, нагласувајќи ја итноста за веднаш и безусловно запирање на огнот. Таа подвлече и дека е неопходен конкретен ангажман од Москва за започнување на мирен процес.
Италијанската премиерка ја поздрави и целосната подготвеност на Украина за итно примирје, нагласувајќи дека сега се очекува и Русија да покаже конкретна волја за постигнување мир.
Да потсетиме, претседателот Зеленски претходно одржа разговори и со американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кеир Стармер.