02 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во срцето на Балканот, Бугарија сè повеќе се докажува како позитивен пример за адаптација кон новите реалности на пазарот на труд. Додека некои европски земји се натпреваруваат за лидерски позиции во целосната дистанциона работа, Бугарија успешно ја прегрнува хибридната форма на вработување – модел што комбинира најдоброто од двата света: слободата на работа од дома и предностите од физичкото присуство во канцеларија.
Во 2025 година, бугарскиот пазар на труд е силно обликуван од дигитализацијата. Се повеќе работници и компании бараат флексибилност и баланс меѓу професионалниот и личниот живот. Токму хибридниот модел одговара на тие нови барања, овозможувајќи индивидуален ритам на работа, но и ефективна комуникација и тимска координација.
Платформата Роchасоvо забележува растечка важност на проектната и почасовата работа – тренд што обезбедува потребна слобода и адаптивност, посакувана од современите вработени.
Иако објавите за целосно дистанциона работа во Бугарија се намалени за 50% споредено со пиковите во 2020–2021 година, хибридниот модел бележи стабилен раст и сè повеќе се вкоренува како доминантна форма на вработување.
„Со хибридниот модел не се губи врската со тимот и менаџерите, но во исто време се добива слобода за работа од дома и повеќе време со најблиските – сето тоа без загуба на продуктивност“, коментираат од Роchасоvо.
Податоците покажуваат дека над половина од сите понуди за дистанциона работа во Бугарија доаѓаат од ИТ секторот (54%), а веднаш по него следуваат административните и услужните дејности (17%), аутсорсинг индустријата (15%) и трговијата и продажбата (8%). Ова покажува дека земјата се развива во насока на современа, дигитална економија.
Бугарија можеби не е на врвот на листата за целосно дистанциона работа, но нејзината способност да се прилагоди и да ги имплементира модерните форми на вработување ја прави стабилен и прогресивен играч во европската економија. Хибридниот модел во земјата не е само алтернатива – тој станува новиот стандард за продуктивност, задоволство и флексибилност во работата.