11 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Евро-пратеникот од ГЕРБ/ЕПП, Андреј Ковачев, порача дека Северна Македонија не треба да ја обвинува Бугарија за застојот во европската интеграција, туку да се ослободи од пропагандата од минатото и да ја исполни европската рамка за почеток на преговорите со Европската Унија.
За време на онлајн-дискусија на тема „Каква е улогата на ЕУ во светската политика“, организирана од Бирото на Европскиот парламент, Ковачев истакна дека и покрај сериозните проблеми со корупцијата, религијата и владеењето на правото, Црна Гора и Албанија напредуваат многу брзо и наскоро би можеле да бидат „бирократски подготвени“ за членство во Унијата.
Според него, ваквиот напредок е „тешко демотивирачки“ за земји како Северна Македонија и Србија, но политичките елити во тие држави треба да се запрашаат дали причината е навистина надворешна блокада или недостиг од вистинска желба за интеграција. Ковачев нагласи дека особено Северна Македонија треба да се ослободи од товарот на минатото, додавајќи дека Бугарија, според него, сака интеграција на земјата во ЕУ.
Ковачев, кој е член на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент и на Заедничкиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија, директно му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски. Тој оцени дека постојаните обвинувања кон Бугарија за европската перспектива на Скопје не се оправдани, бидејќи постои јасна европска рамка која треба да се исполни.
„Бугарија не ве спъва на никаков начин. Постои европска рамка – исполнете ја за да започнат преговорите. Ние ќе помагаме со сè што можеме, но надминете ја негативната пропаганда од минатото, од комунистичко време, како што тоа го направивме ние“, порача Ковачев. Тој додаде дека Бугарија нема ништо против современата македонска идентичност и јазик, туку инсистира на заштита од репресија на македонските Бугари.
Во рамки на дискусијата беше отворено и прашањето за концептот на Европа „на две брзини“ и неговото влијание врз идното проширување на Унијата. Ковачев истакна дека оваа идеја не е нова и дека Франција и Германија традиционално се сметаат за мотор на ЕУ, додека останатите земји зависат од сопствената амбиција и подготвеност.
„Ние сме на прва брзина, ги имаме поминато сите интегративни нивоа и сме на рамноправна основа со сите други европски граѓани“, изјави Ковачев, посочувајќи ги членството во Шенген-зоната и еврозоната како примери.
Џорџа Мелони им оддаде почит на илјадниците Италијанци убиени од режимот на Тито
Филипче: Врв на безобразие – нема пари за плати, а има за нов владин авион
Филипче: СДСМ повторно го поднесува законот, 600 евра минимална плата сега
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

