Косово слави 17 години независност
Косово денеска ја одбележува 17-годишнината од прогласувањето на својата независност – значаен датум во историјата на земјата кој се одбележува со низа свечености и активности. На овој ден во 2008 година, косовското Собрание едногласно ја прогласи независноста, со што започна ново поглавје за најмладата држава на Балканот.
По тој повод, институциите на Косово организираа различни активности за одбележување на овој историски момент. Денот започна со формален состанок на Владата на Косово, каде што се потенцираа постигнатите успеси, предизвиците и визијата за иднината.
Во текот на денот, косовските функционери положија венци на неколку споменици низ земјата, одавајќи почит на оние кои го дале својот придонес за слободата и независноста на Косово. Центарот на Приштина беше домаќин на свечено дефиле на Косовските безбедносни сили (КБС) и косовската полиција, кое привлече голем број граѓани и гости.
Свеченостите завршуваат со официјален прием, на кој присуствуваат државни функционери, претставници на меѓународната заедница, како и бројни граѓани.
Годишнината од независноста останува симбол на борбата за самостојност, но и потсетник на континуираните напори за градење стабилна, демократска и просперитетна држава.