Кошта: Албанија и Црна Гора поблиску до ЕУ – С. Македонија мора да ги внесе Бугарите во Уставот
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во интервју за „Еуроњуз“ изјави дека Албанија и Црна Гора се очигледно понапредни во процесот на евроинтеграција од останатите земји од Западен Балкан и дека тие би можеле да се приклучат кон Европската Унија пред другите. Изјавата доаѓа во пресрет на неговата регионална турнеја, која започнува утре и ќе трае до петок.
Кошта ја коментираше и често споменуваната целна година – 2030 – за проширување на ЕУ, нагласувајќи дека таа не претставува фиксен рок и дека проширувањето може да се случи и порано, доколку земјите ги спроведат потребните реформи.
„Нема фиксен датум. Зошто 2030 година? Зошто не и порано? Пристапувањето е процес базиран на заслуги. Доколку земјите ги спроведат реформите, тие би можеле да се приклучат дури и пред 2030 година“, изјави тој.
Кошта потенцираше дека проширувањето на ЕУ не е само политичка одлука, туку и процес на длабоки внатрешни реформи во кандидатските земји. Тој додаде дека заслугите на секоја земја ќе бидат клучни за темпото на нејзиното приближување кон Унијата.
Во врска со неодамнешната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ на Москва и актуелните политички тензии во Србија, Кошта изјави дека една од основните обврски на потенцијалните членки на ЕУ е усогласување со заедничката надворешна политика на Унијата.
Претседателот на Европскиот совет истакна дека неговата турнеја низ Западен Балкан има за цел да ги зајакне врските со регионот, да поттикне дијалог со лидерите и да ја покаже подготвеноста на ЕУ да помогне во справувањето со предизвиците со кои се соочуваат овие земји.