Хрватски војници ќе го чуваат Косово: Испратен 43-тиот контингент на КФОР
Во касарната „Полковник Предраг Матановиќ“ во Петриња, свечено беше испратен 43-от хрватски воен контингент (HRVCON), кој ќе учествува во меѓународната мисија за поддршка на мирот во рамки на КФОР (Косовски сили) во Република Косово. Настанот беше организиран во вторник, а информацијата ја соопшти Министерството за одбрана на Република Хрватска, пренесоа хрватските медиуми.
На испраќањето присуствуваше државниот секретар Драго Матановиќ, како претставник на вицепремиерот и министер за одбрана Иван Анушиќ. Тој им посака безбедно патување и успешно извршување на задачите на хрватските војници.
„Нашите војници, каде и да дејствуваат во светот, се препознаваат како врвни професионалци – луѓе кои разбираат, помагаат и се секогаш подготвени за соработка“, истакна Матановиќ.
Тој нагласи дека задачите на КФОР се комплексни и надминуваат класичен воен пристап. „Верувам дека ќе знаете како да ги надминете сите предизвици, избирајќи го секогаш вистинскиот пат. Во секоја ситуација ќе бидете амбасадори на Република Хрватска“, порача државниот секретар.
Во соопштението се потенцира и значењето на учеството на хрватските сили во КФОР мисијата, не само за вооружените сили, туку и за меѓународната репутација и безбедносната политика на самата држава.