02 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Во текот на дебатата во Европскиот парламент за напредокот на Република Северна Македонија кон Европската Унија, грчката европратеничка Афродити Латинопулу од партијата „Глас на разумот“ и член на групата „Патриоти за Европа“ излезе со жесток говор, во кој ја оспори легитимноста на името и идентитетот на Северна Македонија.
„Денес ќе ви се обратам како Македонка, затоа што сум горда, вистинска Македонка – за разлика од тие што така се нарекуваат во Скопје“, изјави Латинопулу од говорницата на парламентот. Таа тврдеше дека жителите на Скопје се словенско население кое се населило „векови подоцна“ по античка Македонија, и оти Северна Македонија нема историско право на името што го носи.
Во својот говор, Латинопулу остро го критикуваше Преспанскиот договор од 2018 година, потпишан помеѓу тогашните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев, нарекувајќи го „чин на национална пониженост“ со кој, според неа, биле „подарени јазик, етничка припадност и историја на словенска раса“. Таа исто така изрази разочараност од актуелната грчка влада предводена од „Нова демократија“, обвинувајќи ја дека не го исполнила ветувањето да го поништи договорот.
„Дојдовме до тоа точка, што честа на вистинска Македонија и на Грција ја бранат Бугарите“, рече Латинопулу, поздравувајќи ја позицијата на Бугарија по прашањето за јазикот и идентитетот на населението во Северна Македонија.
Таа тврдеше дека јазикот што го зборуваат граѓаните на Северна Македонија е „бугарски дијалект“, а нивниот етнос – „бугарски“.
„Вистината мора да се врати. Во спротивно, не треба ни да сонуваат за членство во Европската Унија. Македонија е една и е грчка. Сфатете го тоа“, заврши Латинопулу.