21 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Германија значително ја зголеми бројноста на своите вооружени сили во 2025 година, достигнувајќи рекордно ниво во последните 12 години. До крајот на годината, германската армија брои 184.200 војници, изјави министерот за одбрана Борис Писториус, цитиран од весникот „Ди Велт“.
Според Писториус, ова се најдобрите резултати во регрутацијата по укинувањето на задолжителниот воен рок. „Имаме најуспешно регрутирање од моментот кога беше укината воената обврска. Активниот состав на армијата е поголем отколку во било кој момент во изминатите 12 години“, истакна тој.
Германија ја укина задолжителната воена служба во 2011 година, во мирнодопски услови. Според податоците на Министерството за одбрана, бројот на доброволци во 2025 година достигнал 12.200 лица, што претставува зголемување од над 18 проценти во споредба со 2024 година, кога биле регрутирани 10.300 доброволци. Сепак, поставената цел од 15.000 доброволци не беше целосно исполнета.
Во 2024 година, бројот на припадници на германските вооружени сили бележеше благ пад и изнесуваше околу 181.100 војници. За исполнување на новите цели на НАТО, Германија треба да ја зголеми бројноста на армијата на 260.000 активни војници до средината на 2030-тите години, како и да обезбеди дополнителни 200.000 лица во резервниот состав.
На почетокот на јануари, според списанието „Шпигел“, министерот Писториус во писмо до владејачката коалиција најави план за регрутација на 20.000 доброволци во текот на годинава. „Убеден сум дека ќе успееме“, порача министерот. Минатата година, нешто повеќе од 12.000 лица се пријавиле за доброволна воена служба, што е значително под планираното ниво.
Во ноември, Писториус повтори дека Германија нема да се врати на задолжителниот воен рок доколку има доволен број доброволци.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, пак, нагласи дека негова главна цел е Германија и Европа да станат доволно силни за „никогаш да не мора да се користи оружје“. Тој смета дека доброволната воена служба е еден од клучните инструменти за постигнување на таа цел.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

