22 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска порача дека Европската унија ќе продолжи цврсто да ја поддржува Украина и дека ниедна одлука поврзана со украинската иднина не смее да се носи без активното учество на Киев. Нејзината изјава следеше по телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој ја информирал за последните дипломатски случувања и за новиот американски план за прекин на руската инвазија.
Според Зеленски, тој ги запознал фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антони Кошта, со деталите од иницијативата на Вашингтон, план што многумина го оценуваат како премногу поволен за Москва. Украинскиот претседател најави дека Украина ќе понуди свои „алтернативи“ и јасно стави до знаење дека нема да прифати решение што би ги нарушило украинските интереси.
Фон дер Лајен, пак, објави на платформата X дека европските лидери утре ќе се сретнат на маргините на самитот Г20, по што ќе продолжат со дискусиите во Ангола, каде ќе се одржи состанокот на Европската унија и Африканската унија. Таа нагласи дека консултациите со Киев остануваат клучни за секој нареден чекор.
Зеленски предупреди дека земјата се соочува со сериозни геополитички предизвици, вклучувајќи го и ризикот од губење на поддршката од САД доколку Вашингтон го турка планот што не е прифатлив за Украина. „Би можеле да се соочиме со многу тежок избор – губење на достоинството или ризик од губење на клучен партнер“, изјави украинскиот лидер, нагласувајќи дека Киев нема да прави компромиси кои би ја довеле во прашање независноста и суверенитетот на земјата.
Изјавите на европските и украинските лидери доаѓаат во клучен момент, додека меѓународната заедница се обидува да пронајде одржливо решение за прекинување на конфликтот, но без да се наруши правото на Украина самата да одлучува за својата иднина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

