Финска: Украина треба да има право да стане членка на НАТО
Финскиот премиер Петери Орпо потврди дека Украина треба да има право да аплицира за членство во НАТО.
На прес-конференција во парламентот, Петри Орпо нагласи дека суверенитетот на Украина треба да и овозможи да се стреми кон членство во ЕУ и НАТО по мировните преговори.
„Целта не може да биде друг исход од мировните преговори освен Украина да биде суверена држава која може да аплицира за членство во ЕУ и НАТО ако тоа го сака“, нагласи тој.
Орпо предупреди дека Русија останува „долгорочна и сериозна закана за безбедноста на Европа“ и нагласи дека одбранбените капацитети на НАТО не смеат да бидат ослабени како дел од каков било мировен договор.
Неговите забелешки уследија по коментарите на американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, кој се сомневаше дека членството на Украина во НАТО може да биде дел од договорот.
Потсетуваме дека украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна ја доведе во прашање посветеноста на Вашингтон кон амбициите на Украина за НАТО.
Европските лидери и Киев се загрижени од неодамнешните постапки на американскиот претседател Доналд Трамп, кој одржа директен разговор со рускиот претседател Владимир Путин и најави почеток на преговори за ставање крај на војната.
Потегот на Трамп предизвика загриженост кај европските влади дека тие би можеле да бидат исклучени од потенцијалниот договор кој би можел да биде премногу поволен за Москва и да ја поткопа европската безбедност.