Еврокомисарката Кос: ЕУ е последниот остров на демократија и заеднички вредности
Во иднина, Европската Унија (ЕУ) можеби ќе биде единствениот остров на вредности и демократија во светот. Ова го изјави европската комесарка за проширување, Марта Кос, на форумот „ЕУ ги среќава Балканите“ што се одржа во Софија, Бугарија.
„Светот се промени од корен во последните месеци“, изјави Кос, истакнувајќи дека за првпат во историјата на ЕУ се водат преговори со земја која се наоѓа во војна. Според неа, она што го нуди Европската Унија не е само економска моќ или стабилни институции, туку и чувство на припадност кон заедница изградена врз заеднички вредности, правна сигурност и демократски принципи.
Кос посочи и дека интересот за приклучување кон Унијата расте. Исланд размислува да одржи референдум за обновување на преговорите за членство, во Норвешка поддршката за ЕУ е на највисоко ниво во последните 25 години, а Швајцарија неодамна за првпат присуствуваше на состанок на европските министри за финансии. Дополнително, со Канада се гради посебно стратешко партнерство.
Според неа, изминатите 15 години ЕУ се соочи со сериозни внатрешни предизвици – должничката криза, миграцискиот бран, заминувањето на Велика Британија, пандемијата и енергетската криза – но денешните европски лидери, како што рече, сфаќаат дека единството на континентот е клучно за одржување на мирот, слободата и просперитетот.
„Истражувањата покажуваат дека граѓаните очекуваат ЕУ да ја преземе одговорноста за сопствената безбедност“, додаде Кос, нагласувајќи дека проширувањето е еден од врвните приоритети на Европската комисија.