03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарската влада на денешната седница одобри два значајни проект-договори кои се однесуваат на изградба на нови гранични премини на две од најкритичните точки не само за Бугарија, туку и за цела Европа. Станува збор за граничните премини „Капитан Андреево“, кој ја поврзува земјата со Турција, и „Калотина“, на границата со Србија.
Граничниот премин „Капитан Андреево“ е вториот најоптоварен граничен премин во светот. Во моментов располага со 38 сообраќајни ленти, но неговото проширување е невозможно поради ограничениот простор – сместен е меѓу железничка пруга и река. Преку овој премин годишно минуваат повеќе од 1,2 милиони возила, што создава сериозни сообраќајни гужви и логистички проблеми.
Затоа е предвидена изградба на нов граничен премин под името „Капитан Андреево – Капикуле – Север“. Во рамките на преговорите меѓу Бугарија и Турција ќе биде формирана заедничка експертска комисија која ќе ги прецизира техничките карактеристики, точната локација на сообраќајните ленти, придружната инфраструктура и други важни прашања од заемен интерес за двете држави.
Паралелно со тоа, со Србија ќе се разгледува изградба на нов граничен премин во близина на „Калотина“. Овој премин ќе биде наменет исклучиво за лица и патнички автомобили, ќе има сезонски карактер и ограничено работно време. Претходните консултации со Европската комисија веќе донеле позитивно мислење за проектот.
„Калотина“ претставува една од клучните врски меѓу Србија и Централна Европа, но традиционално ја користат и гастарбајтери кои патуваат меѓу Турција и европските земји во кои живеат. Токму поради тоа, особено во летните месеци, се создаваат огромни колони и долги чекања на границата.
Со реализацијата на овие проекти се очекува значително олеснување на сообраќајот, побрз проток на луѓе и стоки и подобрување на регионалната поврзаност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

