25 август 2025
• од Станча Јаќимовски
Ефикасното лекување на ракот на панкреасот и на дебелото црево одамна претставува еден од најголемите предизвици во онкологијата. Главна причина за тоа се мутациите на генот КРАС, кои го забрзуваат напредувањето на болеста и ги намалуваат шансите за преживување. Но, најновите истражувања даваат надеж: експерименталната вакцина ELI-002 2P покажува ветувачки резултати и би можела да претставува голем пробив во третманот на овие агресивни тумори.
Вакцината функционира на принцип на „обука“ на имунолошкиот систем. Таа го стимулира организмот да ги препознае и уништи клетките со мутации на КРАС, кои вообичаено се отпорни на класичните терапии.
Според податоци објавени во списанието Nature Medicine, во студијата учествувале 25 пациенти со рак на панкреас или на дебело црево. Сите биле оперирани, но во нивната крв и натаму се детектирала туморска ДНК – еден од клучните показатели за ризик од повторување на болеста.
По примањето на вакцината, кај значителен број пациенти е забележан силен имунолошки одговор. Професорот Зев Вајнберг за „Medical News Today“ изјави:
„Оваа вакцина може безбедно и ефикасно да го обучи имунолошкиот систем да ги препознае и потисне мутациите кои предизвикуваат рак.“
По околу 20 месеци следење, резултатите биле охрабрувачки:
Овие резултати претставуваат значаен напредок, особено ако се има предвид дека имунотерапијата досега беше речиси неефикасна за рак на панкреас и со ограничен успех кај рак на дебело црево.
Д-р Антон Билчик од „Providence Saint John’s Cancer Institute“ ги оцени резултатите како „многу возбудливи и иновативни“. Тој нагласува дека оваа студија може да отвори пат имунотерапијата конечно да стане ефективен метод и за овие смртоносни тумори.
Слично мислење има и д-р Усман Шах од „Atlantic Health’s Overlook Medical Center“, кој истакнува дека мутациите на КРАС се чести кај многу солидни тумори и се поврзани со лоша прогноза. „Фактот дека вакцината предизвикува силни и долготрајни имунолошки одговори нуди нова стратегија за спречување на повторување на ракот кај пациенти со висок ризик“, коментира тој.
Иако резултатите се охрабрувачки, експертите предупредуваат дека ова е само почеток. Потребни се дополнителни клинички испитувања, како што е студијата AMPLIFY-7P, која ќе ја спореди ефективноста на вакцината со сегашните стандарди на лекување.
Доколку и идните анализи ја потврдат делотворноста на ЕЛИ-002, тоа би можело да значи вистинска револуција во третманот на тумори поврзани со мутациите КРАС.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден