17 февруари 2026
• од Гоце Кически
Ново истражување откри дека сој на бактерија пронајден во романска ледена пештера е отпорен на десет современи антибиотици. Според научниците, замрзнатите бактерии, зачувани под земја околу 5.000 години, покажуваат изненадувачка издржливост.
Во длабочините на пештерата Скаришоара, една од најголемите ледени пештери во Романија, научниците откриле сој на бактеријата Психробактер SC65A.3. Овој микроорганизам бил зачуван под слој мраз стар околу 5.000 години и покажал отпорност на модерни антибиотици.
Бактериите можат да преживеат илјадници години во екстремни услови — под стари слоеви мраз, во пермафрост, под морето или во глацијални езера. Тие се приспособуваат со текот на времето и развиваат сопствени механизми за опстанок.
Романските истражувачи утврдиле дека сојот Психробактер SC65A.3, кој е приспособен на студена средина, е отпорен на 10 современи антибиотици од осум различни класи.
„Бактерискиот сој Психробактер SC65A.3 изолиран од ледената пештера Скаришоара, и покрај неговото древно потекло, покажува отпорност на повеќе модерни антибиотици и носи повеќе од 100 гени поврзани со отпорност,“ изјави Кристина Пуркареа, автор на студијата и научник во Институтот за биологија Букурешт при Романската академија.
Ледениот блок во пештерата има волумен од околу 100.000 кубни метри и е стар приближно 13.000 години, што го прави најголемиот и најстариот подземен ледени блок.
Истражувачкиот тим извадил ледено јадро длабоко 25 метри од делот на пештерата наречен Големата сала. Со анализа на фрагменти од мраз, тие изолирале различни бактериски соеви и го секвенционирале нивниот геном за да утврдат кои гени им овозможуваат преживување на ниски температури и кои даваат антимикробна отпорност.
Пуркареа додаде дека антибиотиците на кои е пронајдена отпорност се широко користени во орални и инјекциски терапии за лекување сериозни бактериски инфекции, како туберкулоза, колитис и инфекции на уринарниот тракт.
Претходни студии ги анализирале бактериите од родот Психробактер главно поради нивниот биотехнолошки потенцијал, но профилите на антибиотска отпорност кај овие бактерии сè уште се недоволно познати.
„Проучувањето на микроби како Психробактер SC65A.3 од ледени наслаги стари илјадници години покажува како антибиотската отпорност природно се развивала во животната средина, долго пред употребата на модерните антибиотици,“ рече Пуркареа.
Истражувачите нагласуваат дека антимикробната отпорност е природен феномен, но нејзиното ширење е забрзано поради долгогодишната и прекумерна употреба на антибиотици.
Резултатите, објавени во списанието „Фронтиерс ин микробиологи“, укажуваат дека разбирањето на микробите приспособени на студ станува сè поважно, особено бидејќи околу 20 проценти од површината на Земјата се состои од замрзнати средини, а климатските промени се забрзуваат.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести минатата година предупреди дека повеќе фактори создаваат поволна средина за антимикробна отпорност: стареењето на населението во Европа, ширењето на отпорни патогени преку граници, прекумерната употреба на антибиотици и слабостите во превенцијата на инфекции.
Според Светската здравствена организација, една од шест бактериски инфекции во светот денес е отпорна на стандардните третмани.
Вучиќ предупредува на напади од сите страни — дали Белград се плаши од Бугарија?
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

