Доналд Трамп Помладиот ќе ја посети Бугарија – С. Македонија останува надвор од агендата
Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на претседателот на САД, Доналд Трамп, започнува обиколка низ Источна Европа, при што е планирана и посета на Бугарија. Според информациите на Romania Insider, тој ќе пристигне во Букурешт на 28 април, една недела пред првиот круг од претседателските избори во Романија.
Посетата на Трамп Помладиот е дел од поширока турнеја низ регионот, во која се вклучени и градовите Прага, Братислава, Будимпешта, Белград и Софија. Во Букурешт ќе присуствува на настан посветен на бизнисот, под наслов „Trump Business Vision 2025“, но засега не се најавени официјални средби со романски политичари.
Посетата се случува во чувствителен политички момент – по неодамнешната одлука на Уставниот суд на Романија да го поништи првиот круг од претседателските избори, што предизвика бурни реакции. Трамп Помладиот на социјалната мрежа X (поранешен Twitter) ја нарече одлуката „заговор на Сорос/марксистите“ насочен против крајнодесниот кандидат Калин Џорџеску.
„Уау, погледнете што се случува во Романија! Уставниот суд штотуку го поништи првиот круг од претседателските избори. Уште еден обид на Сорос/марксистите да ги фалсификуваат резултатите и да ја негираат волјата на народот. Таа ќе загуби и тие го знаат тоа“, напиша тој, алудирајќи на реформската кандидатка Елена Ласкони, противкандидатка на Џорџеску.
Инаку, Доналд Трамп Помладиот моментално ја води Trump Organization заедно со својот брат Ерик, откако нивниот татко се повлече од раководните функции по влегувањето во Белата куќа.