26 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Делегации на Бугарија и Социјалистичка Република Виетнам, предводени од бугарскиот премиер Росен Желјазков и генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам, То Лам, одржаа средба во Софија посветена на продлабочувањето на стратешкото партнерство меѓу двете држави.
На почетокот од разговорите, премиерот Желјазков истакна дека бројни виетнамски граѓани во минатото студирале и работеле во Бугарија, што претставува стабилна основа за понатамошно унапредување на односите меѓу двете земји. Тој подвлече дека заедничката историја и пријателството треба да се претворат во конкретни иницијативи и проекти во приоритетни области.
„Верувам дека непокорот дух, убавината и импресивните економски достигнувања на Виетнам не треба дополнително да ѝ се претставуваат на бугарската јавност. Денес со генералниот секретар То Лам ќе ги утврдиме насоките за понатамошно надградување на нашите врски во широк круг приоритетни области,“ изјави Желјазков.
Генералниот секретар То Лам, во своето обраќање, му се заблагодари на бугарскиот премиер за гостопримството и истакна дека Бугарија е првата земја на Балканот и втората во Источна Европа со која Виетнам воспоставил стратешко партнерство.
Тој нагласи дека претстојното членство на Бугарија во еврозоната од 1 јануари следната година е доказ за нејзината длабока европска интеграција и растечка регионална улога – фактор што Виетнам го препознава како важен во билатералната соработка.
По пленарните разговори, беа потпишани низа билатерални спогодби и договорености во области како што се одбраната, внатрешната безбедност, надворешните работи, дигитализацијата и социјалната политика. Академиите на науките од двете земји исто така потпишаа документи за соработка, што ќе придонесе за зајакнување на научните и технолошките врски.
Покрај националните договори, бугарската област Перник потпиша спогодба за пријателство и соработка со една од водечките провинции на Виетнам. Овој чекор претставува конкретен пример за тоа како партнерството меѓу двете земји може да се развива и на локално ниво, отворајќи можности за економска, културна и образовна размена.
Со потпишувањето на овие договори, Бугарија и Виетнам ја потврдија својата определба за длабоко и долгорочно стратешко партнерство, засновано на заемна почит, традиционално пријателство и заеднички интереси за развој и стабилност.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

