07 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарија се наоѓа во завршна фаза од историскиот премин од левот кон еврото, а бројките што го следат овој процес се навистина импресивни. Сè поголем број граѓани се одлучуваат да плаќаат во готово, најверојатно со цел да ги потрошат или разменат левовите и стотинките што ги имаат дома.
Според официјални податоци, во моментов во оптек има околу 924 милиони монети од 1 стотинка. Ако сите тие би се собрале на едно место, нивната тежина би надминала 1.660 тони. Кога ќе се земат предвид сите монети – од 1 стотинка до 2 лева – вкупната тежина достигнува повеќе од 10.500 тони, што е повеќе од тежината на Ајфеловата кула, која изнесува околу 10.100 тони.
Податоците покажуваат дека околу 37% од бугарските левови и стотинки веќе се повлечени од оптек. Според статистиката на Бугарската народна банка, бројот на банкноти значително се намалил во месеците по објавата дека Бугарија е примена во еврозоната. Најчести во оптек се банкнотите од 50 лева, додека оние од 5 лева се најретки.
Особено впечатлива е состојбата со ситните пари. Кон крајот на ноември во оптек имало над 3 милијарди монети, од кои најмногу се од 1 стотинка. Сето ова количество во наредните недели и месеци треба да биде собрано и складирано во трезорите на БНБ.
Големите трговски синџири веќе се снабдени со новите евробанкноти и монети. Зголемениот удел на плаќања во готово значи и поголеми количини левови во касите. „Околу 70% од плаќањата се во готово, што претставува милионски износи. Парите се чуваат во каси, се транспортираат до трезори и преку инкасо компании завршуваат во банките“, објаснуваат претставници од трговскиот сектор. Така, левовите од џебовите на граѓаните постепено се враќаат во банкарскиот систем.
Во следниот период Бугарската народна банка треба да собере повеќе од 10.500 тони монети, а дел од демонетизираните пари ќе завршат како метален отпад, за што веќе е најавена продажба преку јавен тендер.
Процесот на повлекување започна уште во декември и се одвива забрзано. Се очекува најголемиот дел од левовите да бидат извадени од оптек до крајот на јануари, а речиси целосно до крајот на март. Размената на левови во банките ќе биде можна до 30 јуни, додека во БНБ ќе може да се врши без временско ограничување. Во региони без банки, размената ќе ја вршат поштенските служби, со одредени дневни лимити.
Иако во Бугарија процесот тече според планот, искуството на други земји покажува дека дел од старите валути остануваат неразменети со години. Така, на пример, и денес постојат милијарди германски марки кои никогаш не биле заменети во евра – потсетник дека и по формалниот крај, една валута продолжува да живее во фиоки, каси и сеќавања.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

