03 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарија де факто го има завршено преодниот период кон еврото, откако дури 87% од левовите веќе се повлечени од оптек, а монетарниот систем е целосно обезбеден со евробанкноти. Ова го соопшти Владимир Иванов, претседател на Државната комисија за стоковни берзи и пазари и раководител на Координацискиот центар за механизмот за воведување на еврото, на брифинг во Советот на министри.
Според Иванов, во оптек сè уште има околу 3,9 милијарди лева во банкноти и монети. Дел од нив традиционално нема да бидат вратени, што е нормален процес при секоја валутна замена.
„Паричниот оптек е целосно обезбеден, нема тензии и не се забележуваат проблеми при размената на валутата“, нагласи тој.
На граѓаните им е гарантирана можноста без ограничувања да ги разменат своите левови. Бугарска народна банка ќе врши замена без временско ограничување, додека комерцијалните банки и „Бугарски пошти“ ќе ја нудат услугата до средината на годината.
Само во периодот од 5 јануари до крајот на февруари, „Бугарски пошти“ реализирале над 161 илјада трансакции во вредност од 203,6 милиони лева. Во последните денови од февруари биле извршени уште 13 илјади операции во вредност од близу 15 милиони лева. Според надлежните, притисокот врз системот значително се намалил.
Институциите продолжуваат со активна контрола на пазарот. Комисија за заштита на потрошувачите спровела 201 инспекција во трговски објекти, при што биле утврдени 15 прекршоци – најчесто поради неправилно означување на цените и непочитување на правилото за двојно прикажување на цените во левови и евра.
Национална агенција за приходи извршила над 10 илјади проверки, при што се регистрирани 580 прекршоци и се изречени санкции во износ од над 450 илјади евра.
Во рамки на контролите биле проверени илјадници прехранбени производи, а кај 206 од нив било утврдено неоправдано зголемување на цените. Најчесто поскапувањата се однесувале на овошје, зеленчук, млечни производи и сувомеснати производи.
Министерство за внатрешни работи на Бугарија од почетокот на годината регистрирало 163 случаи на обид за дистрибуција на фалсификувани евробанкноти. Само во периодот од 19 до 27 февруари биле откриени 20 нови случаи, при што биле запленети 23 банкноти со апоени од 5 до 200 евра.
Отворени се предистражни постапки, а властите истакнуваат дека се преземаат сите мерки за заштита на економската сигурност и јавниот ред.
Според податоците на Комисијата за стоковни берзи и пазари, вредноста на потрошувачката кошница во последните десет дена изнесува околу 57 евра. На годишно ниво, зголемувањето е за 4 евра, при што најголем придонес има поскапувањето на овошјето и зеленчукот.
Најзначително зголемување од почетокот на годината е забележано кај црвените и зелените пиперки и тиквичките, кои поскапеле за повеќе од 100% во апсолутни вредности, како и кај лимоните. Од друга страна, основни производи како шеќер, ориз, брашно и свинско месо бележат намалување или ценовна стабилност.
„Пазарот е стабилен и функционира нормално. Преминот кон еврото се одвиваше мазно, без стрес и без значајни потреси“, изјави Владимир Иванов.
Во Координацискиот центар се вклучени претставници од повеќе клучни институции, меѓу кои Министерството за финансии, Министерството за транспорт, Бугарската народна банка, Националната агенција за приходи, Агенцијата „Царини“, Комисијата за заштита на потрошувачите, Бугарската академија на науките и банкарскиот сектор.
Контролните органи ќе продолжат со заеднички проверки со цел спречување шпекулации, заштита на потрошувачите и обезбедување стабилност на пазарот по воведувањето на еврото. Надлежните најавуваат редовно информирање на јавноста за текот на процесот.
Ќе достигне ли златото 6000 долари за тројунција? Кои се условите за такво сценарио?
Благојче Атанасоски: Македонија секојдневно живее во деветтиот круг на пеколот
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

