11 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Процесот на замена на бугарските левови со евра се одвива нормално и во согласност со важечката законска рамка, соопшти Бугарската народна банка (БНБ).
Според податоците на БНБ, заклучно со 9 јануари 2026 година, вкупниот износ на левови во оптек изнесува 16,1 милијарди лева, што претставува 48 проценти од вкупната готовина во националната валута. Ова значи дека за само десет дена од почетокот на 2026 година, веќе се повлечени над 50 проценти од готовите левови во оптек.
Снабдувањето на банкарскиот систем со евробанкноти и евромонети се одвива според однапред утврден распоред. Досега во оптек се пуштени повеќе од 3,1 милијарди евра.
Со цел да им се олесни на граѓаните, шалтерите на БНБ и територијалните единици на „Друштвото за готовински услуги“ АД ќе работат вонредно на 10, 17, 24 и 31 јануари, кога ќе се врши замена на левови со евра. Дел од комерцијалните банки, исто така, ќе обезбедуваат услуга и во саботите во текот на јануари.
Во првите шест месеци од 2026 година, банките ќе вршат бесплатна замена на левови во евра во неограничени количини, по официјалниот фиксeн курс. За износи над 30.000 лева ќе биде потребна претходна најава. Бесплатно ќе се врши и замена преку сметките на клиентите. Банките се обврзани да ги услужуваат и своите клиенти и граѓаните кои не се нивни клиенти, вклучително и при замена на банкноти и монети.
Од БНБ појаснуваат дека при замена од лица кои не се клиенти на конкретната банка, за износи до 5.000 евра е потребен документ за лична идентификација, додека за поголеми суми се применуваат дополнителни законски барања. Замена на монети во големи количини се врши исклучиво во филијали со специјализирана опрема.
Централната банка спроведува проверки по сите пријави поврзани со процесот на замена. Досега утврдените неправилности биле поединечни и навремено отстранети, а неправилно наплатените надоместоци биле вратени. Од БНБ нагласуваат дека нема случаи на оштетени граѓани.
Продажбата на стартните комплети со евромонети заврши на 30 декември 2025 година, а од 1 јануари 2026 година граѓаните и трговците можат да се снабдуваат со евромонети преку банките кои ги опслужуваат.
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
14,4 милиони денари за патување: Пратениците се возат на грбот на граѓаните
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

