31 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Бугарија, Грција и Романија ќе аплицираат за заедничко финансирање на проект за модернизација на железничката линија Солун–Софија–Букурешт. Ова го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, кој беше домаќин на првата работна средба меѓу трите земји и Европската комисија за транспортниот коридор „Црно Море – Егејско Море“.
На средбата учествуваа претставници на ресорните министерства за инфраструктура и транспорт од Бугарија, Грција и Романија, како и високи претставници на Европската комисија, Европската инвестициона банка, Европската банка за обнова и развој и Европската железничка агенција.
Караџов истакна дека по десетгодишен прекин, веќе следната година ќе се обнови редовната железничка врска меѓу Софија и Солун. Последниот директен воз на оваа релација сообраќал во 2017 година.
Како прв приоритет за Бугарија, министерот го посочи проектот за Дунав мост 3 кај Русе–Ѓурѓево, нагласувајќи дека тој е од клучно значење за целиот транспортен коридор. Целта е проектот да излезе од фазата на анализи и да премине во реална подготовка за изградба, со јасно дефинирани чекори и одговорности.
Вториот важен проект за Бугарија се новите мостови на Дунав кај Никопол–Турну Мъгуреле и Силистра–Калараш. Според Караџов, предпроектните студии за овие мостови треба да започнат што е можно поскоро, а паралелно да се обнови и фериботската линија Русе–Ѓурѓево, која ќе обезбеди дополнителен транспортен капацитет.
На форумот беше нагласена и важноста на железничката оска Свиленград–Пловдив–Стара Загора–Русе, со изградба на нов тунел под Стара Планина. Целта е создавање единствен, непрекинат коридор со усогласени стандарди и целосна оперативна интероперабилност меѓу трите држави.
Претставникот на Грција изрази поддршка за бугарските приоритети и нагласи дека сите проекти треба да се разгледуваат како дел од единствена европска транспортна мрежа. Тој информираше дека е во тек електрификацијата на двојната железничка линија Пиреја–Атина–Солун, како и модернизации на линијата Солун–Кулата и железничка врска од пристаништето Александруполис до бугарската граница.
Романскиот претставник, пак, стави акцент на потребата од континуитет на патните и железничките врски и на подобра интеграција меѓу различните видови транспорт, со цел поефикасно поврзување во регионот.
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

