04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Со полагање цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ во Благоевград беа одбележани 154 години од раѓањето на големиот револуционер. Комеморативната церемонија собра претставници на локалната и државната власт, Бугарската армија, образовни и културни институции, политички партии, граѓански организации и бројни граѓани. На настанот учествуваа и активисти на фондацијата „Македонија“.
Цвеќе во знак на почит кон делото на Гоце Делчев положија градоначалникот на Благоевград, Методи Бајкушев, областниот управител Георги Динев, претседателката на Општинскиот совет Антоанета Богданова, припадници на армијата, како и претставници на различни институции и организации.
Во своето обраќање, градоначалникот Бајкушев раскажа анегдота поврзана со учителската дејност на Гоце Делчев. Тој истакна дека еден познат бугарски краевед, истражувајќи траги за Делчев во Банско, на таванот од училиштето го пронашол дневникот што Делчев го водел како учител – службен дневник во кој ги бележел изостаноците и оценките на учениците. По подолга потрага, краеведот пронашол човек чие име се наоѓало во списокот. Кога бил прашан дали го познава Гоце Делчев, човекот станал, ја симнал шапката и рекол: „Кога се зборува за Гоце Делчев, се стои исправен“.
Бајкушев потсети дека Делчев е роден во Кукуш и бил ученик на Солунската бугарска машка гимназија. Подоцна се запишал во Военото училиште во Софија, од каде бил исклучен затоа што се спротивставил на неправда кон јункерите, а не поради ширење идеи, како што подоцна се тврдело.
„Гоце Делчев јасно разбирал дека слободата на Македонија минува низ обединување на сите етноси што живеат во неа. Тој немал омраза кон народите, туку кон тиранијата“, нагласи градоначалникот. Според него, Делчев бил хуманист кој во своите писма инсистирал вооружените дејствија да се водат далеку од селата и без загрозување на мирното население.
Георги (Гоце) Делчев е роден во 1872 година во Кукуш. Тој е еден од водечките идеолози и организатори на Бугарските македоно-одрински револуционерни комитети и на Внатрешната македоно-одринска револуционерна организација. Загинал во 1903 година во борба кај селото Баница.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

