Анджеј Дуда повика на зголемено присуство на САД во Полска и Централна Европа
Присуството на САД во Полска и Централна Европа мора да се зајакне. На ова инсистираше полскиот претседател Анджеј Дуда на средбата со Доналд Трамп во Вашингтон, пренесува Ројтерс. Според него, поверојатно е дека ќе се зголеми бројот на американските сили во Полска.
Од своја страна, Трамп го потврди сојузот меѓу САД и Полска и ја пофали посветеноста на Варшава за зголемување на трошоците за одбрана.
Дуда и Трамп разговараа и за војната во Украина. Полскиот претседател посочи дека Трамп е заинтересиран да ја направи Украина посилна, вклучително и преку економските врски.
Претходно овој месец, американскиот претседател го нарече Володимир Зеленски „диктатор“ и предупреди дека украинскиот претседател мора брзо да дејствува за да обезбеди мир со Русија.
Промената на тонот од САД, најважниот поддржувач на Украина, ги вознемири европските претставници и ги поттикна стравувањата дека Киев би можел да биде принуден да склучи мировен договор што е во корист на рускиот претседател Владимир Путин.