17 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Албанија денес го прави еден од најзначајните чекори во процесот на европската интеграција. Во Брисел ќе се одржи Седмата меѓувладина конференција со Европската унија, на која официјално ќе биде отворен последниот кластер од пристапните преговори – кластерот „Ресурси, земјоделство и кохезија“. Со тоа, земјата ја заокружува фазата на отворање на сите преговарачки поглавја во рекордно краток период.
Според албанските медиуми, со денешниот чекор започнуваат преговорите за група 5, која ги опфаќа поглавјата 11 (земјоделство и рурален развој), 12 (безбедност на храната и фитосанитарни прашања), 13 (рибарство), 22 (регионална политика) и 33 (финансиски и буџетски одредби). Ова претставува значаен напредок во клучните области кои се директно поврзани со развојот на економијата и стандардите во Албанија.
Албанскиот премиер Еди Рама го оцени отворањето на последниот кластер како „рекордно достигнување“, нагласувајќи дека за само 12 месеци земјата успеала да ги отвори сите преговарачки поглавја – нешто што, според него, до скоро се сметало за невозможно.
„Со отворањето на оваа група поглавја, Албанија го постигнува невозможното. Во рок од една година ги финализираме сите преговарачки поглавја и постигнуваме апсолутен рекорд во процесот на интеграција,“ истакна Рама.
Тој додаде дека владината цел е преговорите да се завршат до 2027 година, а земјата да стане полноправна членка на Европската унија до 2030 година.
Албанија има кандидатски статус уште од 2014 година, но вистинскиот забрзан напредок во преговорите започна во октомври минатата година, кога беше отворен првиот кластер. Денес, само една година подоцна, сите кластери се веќе отворени – што претставува преседан во историјата на проширувањето на ЕУ.
Силна поддршка за европскиот пат на Албанија пристигна од Италија. Италијанската премиерка Џорџа Мелони, на заедничката прес-конференција со Рама во Рим, изјави дека ќе се заложи пристапните политички преговори официјално да започнат во првата половина од 2028 година – период кога Италија ќе претседава со Европската унија.
Рама, во свој препознатлив стил, возврати со благодарност, нарекувајќи ја Мелони „своја сестра и адвокат на Албанија“ и изрази уверување дека нејзиното ветување ќе стане реалност.
Со отворањето на последниот кластер, Албанија влегува во нова, посериозна и поодговорна фаза од европските интеграции. Иако пред земјата стојат многубројни предизвици, амбициозните рокови што ги постави владата, комбинирани со меѓународната поддршка, го зацврстуваат оптимизмот дека 2030 година навистина може да биде година на албанското европско членство.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

