03 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
2025 година ќе остане запаметена како најтоплата и најсончевата година во историјата на Обединетото Кралство, соопшти националната метеоролошка служба, пренесува агенцијата „Ројтерс“. Со ова е надминат претходниот температурен рекорд поставен во 2022 година.
Според метеоролозите, главни причини за екстремната топлина биле долготрајните системи со висок воздушен притисок и невообичаено топлите морски води, кои значително ги зголемиле температурите низ целата земја.
Просечната годишна температура во 2025 година изнесувала 10,09 степени Целзиусови, што е повеќе од просекот од 10,03 степени забележан во 2022 година. Ова е само вторпат откако се води детална метеоролошка евиденција, од 1884 година наваму, просечната годишна температура да ја надмине границата од 10 степени.
Овој податок дополнително укажува на забрзаните климатски промени – четири од последните пет години се вбројуваат меѓу петте најтопли години регистрирани досега. Уште минатиот месец Метеоролошката служба предупреди дека постои реална можност за нов температурен рекорд.
„Иако тоа не значи дека секоја наредна година ќе биде најтоплата досега, нашите метеоролошки набљудувања и климатски модели јасно покажуваат дека глобалното затоплување предизвикано од човекот има силно влијание врз климата на Обединетото Кралство“, изјави Марк Макарти, раководител на одделот за климатска атрибуција.
Сите десет најтопли години во британската историја се регистрирани во последните дваесет години. Од почетокот на XXI век, рекордот за највисока просечна годишна температура е соборен шест пати – во 2002, 2003, 2006, 2014, 2022 и сега во 2025 година.
Овие податоци се во согласност со глобалните климатски трендови. Светската метеоролошка организација соопшти дека последните десет години се најтоплите откако се води статистика на светско ниво.
Во меѓувреме, Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската унија прогнозира дека 2025 година ќе биде втората или третата најтопла година на планетата според современите мерења, поради континуираните екстремни временски услови што минатата година погодија бројни региони низ светот.
На глобално ниво, 2024 година беше прогласена за најжешката година досега, а воедно и најтоплата година за Европа, која важи за континент што се затоплува најбрзо на планетата.
Поднесено обвинение за злоупотреби и измами при јавни набавки во РЕК Битола
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

