СРАМОТА НА ФУДБАЛСКИТЕ ТЕРЕНИ: Кожув го допре дното! (ВИДЕО)
Вистински скандал се одигра попладнево на стадионот во Гевгелија за време на натпреварот од 28. коло во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ) меѓу Кожув и Башкими. Натпревар кој ќе остане долго во меморијата на љубителите на македонскиот фудбал – и тоа по погрешни причини.
Во последните моменти од мечот, во судиското продолжение, Башкими постигна победнички гол за 1:2. Но, начинот на кој дојде до овој гол предизвика лавина реакции и осуда. Играчите на Кожув стоеја неподвижни, голманот дури се повлече за топката случајно да не го удри, а гостите од Куманово рутински го постигнаа погодокот за победа.
Овој настан е вистинска срамота, не само за клубот од Гевгелија, туку и за македонскиот фудбал во целина. Во време кога секој натпревар е достапен за јавноста преку видео стриминг, вакви сцени едноставно не можат да поминат незабележано. Револтот кај навивачите и јавноста е огромен, а довербата во фер-плејот е сериозно разнишана.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и надлежните органи мора итно да реагираат. Очекувањата се за детална истрага и строги казни за сите инволвирани во овој неславен момент. Без вакви мерки, ќе продолжиме да се срамиме на фудбалската сцена и да губиме верба во спортските вредности.
Кожув со оваа постапка буквално го допре дното. Навивачите се резигнирани, јавноста е шокирана, а единствено што останува е да се види дали клубот и институциите ќе имаат доблест да се соочат со последиците и да покажат дека вакви појави нема да се толерираат.