Отворена дисциплинска постапка против фудбалери на Кожуф, Башкими засега без санкции
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) официјално покрена дисциплинска постапка против седум фудбалери на клубот Кожуф поради сомнежи за нарушување на интегритетот на натпреварот против Башкими, одигран на 6 мај во рамки на Втората лига.
Од ФФМ соопштуваат дека постапката е иницирана врз основа на писмени изјаснувања и доставени релевантни податоци и документи од вклучените страни — играчи, тренери, службени лица на клубот, како и од официјалните лица на натпреварот, меѓу кои судии, делегат, контролор на судии и комесар за безбедност. Во дел од своерачните изјави, некои фудбалери укажуваат на конкретни лица за кои тврдат дека им дале инструкции или наредби за манипулација со исходот од натпреварот.
Паралелно со дисциплинската постапка, Основното јавно обвинителство од Гевгелија, преку Министерството за внатрешни работи (МВР), побара комплетна документација поврзана со натпреварот од 28. коло на Втората лига, со цел водење истражна постапка во рамки на своите законски овластувања.
Иако во фокусот на истрагата се фудбалери и лица поврзани со клубот Кожуф, ФФМ не исклучува можност за проширување на постапката и кон други индивидуи или субјекти, доколку се појават нови докази или сознанија што укажуваат на нивна вмешаност. Засега, одговорност не е утврдена за клубот Башкими.
Случајот останува отворен, а Одделот за безбедност и интегритет на ФФМ продолжува со темелна проверка на сите аспекти поврзани со натпреварот. Федерацијата повторува дека останува цврсто посветена на заштита на фер-плејот и интегритетот на натпреварувањето, и дека ќе соработува со сите надлежни институции за целосно расветлување на случајот.