Клупскиот фудбал ни тоне: Македонија е шеста најслаба земја во Европа!
Македонскиот фудбал имаше неславна епизода во Европа. Уште во месец јули завршија настапите за клубовите кои беа репрезенти во Европа, а билансот од осум одиграни натпревари е две победи и шест порази.
Струга како првак тргна во квалификациите за Лигата на шамлионите, но испадна со два порази од Слован Братислава од Словачка (1-2 и 2-4). Тоа донесе преселба во второто квалификациско коло од Конференциската лига на УЕФА, но стружани и таму не се прославија затоа што испаднаа од ерменски Пјуник (победа од 2-1 дома, пораз од 1-3 на гости).
Екипата на Шкендија иако имаше високи амбиции поради европското искуство, се сопна исто така со ривал од Ерменија. Тетовчани излегоа на мегдан со тимот на Ноа, екипа која до оваа година имаше само два настапи во Европа, ама испаднаа со два порази (0-2 и 1-2).
Тиквеш како дебитант во еврокуповите имаше добар домашен меч со исландски Брејдаблик, во Скопје славеше со 3-2 и тоа со пресврт по 0-2, но на далечното гостување падна во финишот, загуби со 1-3 и така доживеа крај.
Поради овогодинешните слаби настапи, македонскиот фудбал доживеа пад на листата на УЕФА. Нашата земја сега се наоѓа на 50. место од вкупно 55 членки. Зад нас се само Велс, Андора, Белорусија, Гибралтар и Сан Марино. На новата листа бележиме пад од едно место, поради скокот на Црна Гора.
Следната сезона Македонија повторно ќе има четири претставници во Европа. Ќе мора подобро, за да добиеме подобар коефициент за следните квалификациски циклуси за еврокуповите.