ФФМ ѝ ја намали казната на Шкендија за инцидентот со минутата молк за жртвите од Кочани
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) ја намали дисциплинската казна на новиот македонски шампион Шкендија, која првично беше изречена поради скандалозниот потег на дел од нејзините навивачи. Потсетуваме, на натпреварот против Брера, дел од публиката во Тетово ја исвирка минутата молк посветена на жртвите од трагедијата во Кочани, што предизвика јавен гнев и жестоки реакции.
Како последица на инцидентот, Дисциплинската комисија при ФФМ ја санкционираше Шкендија со играње пет натпревари без присуство на публика. Таа казна значеше дека клубот ќе ја заврши сезоната пред празни трибини, без своите навивачи во клучниот дел од шампионската прослава.
Сепак, Шкендија поднесе жалба на ваквата одлука, по што Комисијата за жалби при ФФМ го уважи барањето на клубот и ја намали казната од пет на четири натпревари. Со оваа одлука, навивачите ќе можат да присуствуваат на последниот меч од сезоната, кој ќе се одигра на 18 мај во Тетово против екипата на Силекс, со почеток од 17 часот.
Клубот го потврди ова преку официјално соопштение:
„По одлуката на Дисциплинската комисија по мечот против Брера, каде што група навивачи не ја почитуваа минутата молчење пред почетокот на натпреварот, нашиот клуб беше казнет со играње пет натпревари без публика. Оваа санкција значеше завршување на сезоната како домашен тим без навивачи на трибините. Сепак, по поднесената жалба од Шкендија, Комисијата за жалби при ФФМ одлучи да го прифати нашето барање со ублажување на дисциплинската мерка. Казната е намалена од пет на четири натпревари без публика.“
Со оваа одлука, Шкендија доби можност да ја заврши сезоната во присуство на својата публика и да ја прослави титулата со своите навивачи на домашен терен.