Тајани: Балканот е од стратешко значење, ја сакаме Србија во ЕУ
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани во Белград изјави дека Балканот има стратешко значење и дека Италија сака да биде поприсутна во таа област и дека сака Србија во Европската унија.
-Балканот е дел од Европа, Балканот е од стратешко значење, таму живеат нашите пријатели со кои соработувавме и соработуваме. Верувам дека Вучиќ и Владата ќе придонесат за развој на соработката меѓу двете земји и дека ќе изградат важен пат за стабилноста на Балканот и на цела Европа, рече Тајани, нагласувајќи дека Италија ја сака Србија во Европската унија. и дека сака дополнително да ги зајакне постоечките пријателски односи.
Тајани заедно со српскиот претседател Александар Вучиќ учествува на Форумот за деловна и научна соработка меѓу Србија и Италија, на кој во Белград се собраа 151 италијански и 246 српски компании.
Двајцата лидери разговарале за натамошно унапредување на економските односи и за нови инвестиции. Тајани истакна дека денешниот собир е дел од една поширока стратегија и дека е планирано сличен собир да се одржи следната година во Трст.
На отворањето на форумот, Вучиќ рече дека е горд на фактот што во Србија е создадено поволно деловно опкружување и додаде дека Италија е искрен пријател за Србија на кој таа секогаш може да смета. Тој додаде дека српските јавни финансии се во добра состојба и дека Србија во последните три години успеала да привлече 63 отсто од странските директни инвестиции.
Италијанските компании покажуваат најголем интерес за инвестиции во Србија поврзани со енергетиката и зелената транзиција, земјоделството и инфраструктурата.
Италија е трет најважен трговски партнер на Србија и еден од најголемите странски инвеститори.