20 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Точно 100 дена жителите на преспанското село Љубојно секојдневно протестираат барајќи трајно запирање на сечата на шумата над селото. Велат дека нивната борба не е само за дрвјата, туку за сопствената безбедност и иднина.
„Сечата над Љубојно не е само уништување на дрвја, тоа е кршење на природниот штит што со децении го чува селото од поројни води, ерозија и разурнување на теренот. Секој дожд во последниве години ни покажува колку е кревка рамнотежата“, вели Јове Наумовски, жител на селото. „Најмалата грешка таму горе во шумата станува најголема опасност овде долу во селото.“
Шумата се наоѓа веднаш над селскиот водовод, на дел од терен каде што шест долови директно водат кон Љубојно. Според мештаните, токму оваа природна конфигурација со децении го штити селото од поројни води. Секое разредување на шумата, велат тие, може драстично да го зголеми ризикот од поплави — опасност што веќе ја почувствувале летово, кога делови од селото биле зафатени од надојдени води.
Активните протести започнале во август, кога жителите првпат забележале дека се врши сеча на падините над селото. Како што тврдат, активностите се спроведуваат еднострано од страна на јавното претпријатие „Национални шуми“, без претходна консултација со заедницата.
Оттогаш, мештаните секојдневно се организираат — со блокади, собири, јавни обраќања и мирни протести — барајќи итно стопирање на сите активности за сеча.
Жителите велат дека нема да се откажат додека не биде донесена конечна одлука за трајно запирање на сечата. Според нив, шумата не е само ресурс, туку природна бариера што го спасува селото од потенцијални катастрофи.
„Ќе останеме обединети и истрајни. Ова не е каприц, ова е борба за нашите домови, за нашата безбедност и за идните генерации“, порачуваат од Љубојно.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

