04 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Жители од ромската населба Баир во Битола денеска организираа протест пред Основниот суд и полициската станица во градот, откако претходно ја блокираа обиколницата на магистралниот пат Битола–Охрид. Протестите се реакција на одлуката на полицијата да одземе возила на неколку жители кои биле затекнати како управуваат без возачка дозвола.
Со запалено ѓубре, демонстрантите ја затворија сообраќајницата над Битола, поради што патот кон Охрид беше непрооден неколку часа. По интервенција на полицијата, групата се упати кон центарот на градот, каде протестираше пред Судот и Полицијата.
Протестирачите бараат Министерството за внатрешни работи да изнајде алтернативен начин за добивање возачки дозволи, без задолжително полагање возачки испит. Како причина ја наведуваат својата необразованост и неможноста да го положат теоретскиот дел од испитот. Во спротивно, побараа оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
„Немаме ништо против полицијата. Ние сме без возачки дозволи и без школо. Ни ги зедоа возилата, а со нив ги храниме децата. Бараме да се најде начин да добиеме возачки. Нека дојде инструктор и нека вози со мене – ако знам да возам, нека ми даде возачка, ќе си платам. Ако ни ги земат колите, ќе умреме за леб“, изјави Рафет Мемишовски, еден од говорниците на протестот.
Жителите од Баир велат дека возилата им се единствен извор за егзистенција и дека без нив не можат да обезбедат основни услови за живот. Од институциите очекуваат разбирање и системско решение, додека надлежните засега не се изјаснија дали ќе се разгледаат нивните барања.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

