Жељазков: Европскиот пат на РСМ поминува и низ признавање на Бугарите во Уставот
Европската перспектива на Западен Балкан е предуслов за стабилност и просперитет на целиот континент, но таа мора да биде проследена со исполнување на преземените обврски. Ова го истакна бугарскиот премиер Росен Жељазков по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, подвлекувајќи ја поддршката на Бугарија за проширувањето на Европската Унија, но и барањата што произлегуваат од билатералните договори.
Жељазков беше дециден дека Бугарија останува силен поддржувач на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, но очекува сите земји-кандидати, вклучително и Република Северна Македонија, да ги исполнат своите обврски. Меѓу нив, тој особено ја потенцираше важноста на уставните измени со кои Бугарите ќе бидат вклучени како конститутивен народ во македонскиот Устав – услов кој, според него, е дел од европскиот пат на земјата.
„Интеграцијата не е само политички или институционален процес – таа подразбира и почитување на преземените обврски и принципи,“ рече Жељазков. Тој додаде дека поддршката за Северна Македонија не е безусловна и дека е важно секој чекор да биде направен со заемна одговорност.
Премиерот нагласи дека Бугарија има историска, културна и демографска блискост со земјите од регионот и дека таа блискост ѝ дава посебна одговорност да биде активен фактор во процесот на европска интеграција. Но, според него, тој процес мора да биде искрен и транспарентен.
„Ние веруваме во европската иднина на нашиот регион, но веруваме и дека таа иднина е можна само преку исполнување на јасно дефинирани услови и принципи,“ изјави Жељазков. Тој додаде дека ЕУ мора да биде предвидлива, доследна и правична во својата политика на проширување, а истото го очекува и од земјите-кандидати.
Бугарскиот премиер повтори дека Европската Унија не може да биде целосна без Западниот Балкан, но и дека не може да го игнорира прашањето на националните малцинства, историското помирување и владеењето на правото.