Запленети 283 килограми шверцуван тутун во координирана полициска акција
Во координирана акција на повеќе полициски единици, вчера (27 април) во Неготино беа откриени и запленети 283 килограми шверцуван тутун. Акцијата беше спроведена од РЦ за ГР Југ – ОПКМСР, ПС за ГН Михајлово, ОВР Неготино – НК за КР, Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ и СВР Скопје.
Инцидентот започнал околу 07:30 часот на автопатот Градско-Неготино, во близина на Црвени Брегови, кога полициски службеници забележале две патнички возила со скопски регистарски таблички, „Шкода Октавија“ и „Ауди А6“, како се движат напоредно. На даден знак за запирање, возилото „Шкода Октавија“ не запрело, туку ја зголемило брзината и се упатило кон Неготино. Сепак, по кратка потера, возилото било сопрено во градот.
При прегледот на возилото, управувано од С.Ф. (30) од село Љуботен, скопско, било констатирано дека е натоварено со 29 црни вреќи со жолти пакувања тутун од по 450 грама, без соодветна документација за потеклото. Запленетиот тутун тежел вкупно 283 килограми, а проценетата материјална штета кон буџетот на државата изнесува 2.704.340,05 денари.
По насоки на надлежен јавен обвинител, брзо биле приведени и лицата кои се наоѓале во возилото „Ауди А6“ – Р.Ф. (37) од село Љуботен и С.А. (41) од Скопје.
На местото на настанот увид извршиле инспектори од ОПКМСР при РЦ за ГР Југ и НК за КР при ОВР Неготино. По целосното документирање на случајот, против тројцата осомничени ќе биде поднесена соодветна кривична пријава за дела по член 278-б „Прикривање на стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“ и член 279-б „Избегнување на плаќање на акциза“ од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.