Запленет 126 килограми тутун за наргиле – Скриен во автомобил, вреден речиси милион денари!
Царинските служби во последниот период открија низа обиди за нелегален внес на различна стока преку граничните премини во државата, при што беа запленети значителни количини тутун за наргиле, лекови, муниција, цигари, текстил, автомобили и бренд облека и обувки.
Заплена на 126 килограми тутун за наргиле
На граничниот премин Блаце, цариниците запленија 504 кутии со вкупно 126 килограми тутун за наргиле, вредни 971.772 денари. Тутунот беше пронајден во автомобил со македонски регистарски таблички, чиј патник, поради сомнително однесување, беше селектиран за детална контрола. Со оваа заплена е спречен обид за избегнување на плаќање давачки во висина од 661.812 денари. Против сторителот е поднесена кривична пријава.
Ловечка муниција сокриена во багажник
На граничниот премин Табановце, мобилен царински тим откри 160 парчиња ловечка муниција сокриени во куфер во автомобил. Возачот, кој првично изјавил дека нема ништо за пријавување, подоцна спомнал само еден пар чизми, но инспекторите открија муницијата при деталната контрола. И во овој случај ќе биде поведена соодветна постапка.
Автомобили задржани подолго од дозволеното
Во соработка со МВР, запленети се два автомобили со бугарски регистарски таблички, кои го надминале дозволениот временски рок за престој на територијата на државата.
Нелегален увоз на лекови и ветеринарни препарати
На граничниот премин Деве Баир, мобилен тим заплени 133 шишенца со Gadovist – раствор за инјекции, кој е предмет на посебен режим на увоз. Лековите биле сопственост на косовски државјанин и биле скриени на патничко седиште во автобус.
Слични случаи беа забележани и на премините Блато и Богородица, каде беа запленети големи количини лекови и ветеринарни препарати. На Блато, албански државјанин се обидел да внесе 94 пакувања без дозвола, додека на Богородица, во возило од Солун, беа пронајдени лекови и супстанци скриени под јакна и во црна кеса.
Цигари и тутун без акцизни маркички
Вкупно 91 штека цигари беа запленети во пет различни случаи на премините Богородица и Меџитлија. Во повеќето случаи, цигарите биле сокриени во фабрички празнини на возилата. На Меџитлија се пронајдени и 300 грама тутун без акцизни маркички.
Електричен кабел, мотори и облека откриени во комбе
На Табановце, во патничко комбе беа откриени 2.300 метри електричен кабел, седум електро мотори и 104 парчиња непријавена облека. Сите предмети биле сокриени и не се пријавени при влез во државата.
Женски обувки со ознаки на познати брендови
Голема заплена на граничниот премин Богородица – 3.600 пара женски обувки со ознаки за познати модни брендови, за кои постои сомневање за повреда на интелектуална сопственост. Обувките, со потекло од Кина, беа откриени при контрола на стока од мобилен царински тим.