македонија20 февруари 2025 За 10.000 се намалил бројот на баратели на земјоделски субвенции од 2018 досега
Со нов начин на субвенционирање Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство ќе ја укинува праксата парите од субвенциите да се трошат за плаќање сметки, купување храна и облека место за унапредување на производството. Додека речиси секоја земјоделска гранка повеќе од една деценија бележи пад, се намалуваат земјоделските површини и сточниот фонд, Министерството за земјоделство ќе бара нов модел за субвенционирање, а земјоделците стравуваат дека ќе ја изгубат и таа поддршка од државата што сега ја добиваат.
„Постојниот модел на субвенционирање има потреби од измени во насока на подобрување на политиките на директните плаќања колку што е можно повеќе со исправање на грешките од изминатиот период и концентрирање на типот на мерките од политиките што продуцираат развој. Намалувањето на земјоделските површини и сточниот фонд се сериозен предизвик со кој треба да се справиме наредниот период. Нашата заложба е да се зголеми производството на земјоделски производи, да се зголеми сточниот фонд, да произведуваме доволно храна. Наместо да сме зависници на увоз на храна, да работиме нашите земјоделски производи да бидат застапени на странските пазари“, велат од кабинетот на министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, за „Макфакс
Не кажуваат дали веќе имаат конкретен модел по кој би им помагале на земјоделците, а парите би оделе за унапредување на производството. На тоа ќе работат во следниот период, но децидни се дека субвенциите што се наменети за земјоделците треба да се користат во насока на поддршка на производството.
„Во наредниот период нашите планови се да се зголемат средствата во делот на финансирање инвестициски мерки за модернизација и достигнување на европските стандарди кај земјоделските стопанства, преработувачките, инвестиции во наводнување и одводнување, како и поддршка на пазарните форми на здружување (задруги и организации на производители) и за поставување ефикасен систем за знаење и иновации во земјоделството“, објаснуваат од кабинетот на министерот Трипуновски.
Изминативе месеци Министерството направило анализа на Националната стратегија за земјоделство и рурален развој, која ќе претставува база за натамошно креирање на идните мерки и активности.
„Макфакс“ ја побара анализата во која се наведени и досегашните ефекти од субвенционирањето, но Министерството не ја даде на увид со објаснување дека се работи за интерен документ.
Засега нема рок во кој би се случила промената на моделот на субвенционирање. Од Министерството велат дека тоа не е краткорочен процес и не може да се случи веднаш.
„Трансформација и подобрување на состојбите ќе се почувствуваат во наредниот период“, одгворија од кабинетот на министерот Трипуновски на прашањето кога ќе се менува моделот на субвенционирање.
Земјоделците бараат повисоки субвенции
Од страв дека ќе ја изгубат и онаа субвенција што сега ја добиваат многумина од земјоделците не сакаат јавно да зборуваат. Велат дека и да сакаат со парите што ги добиваат како субвенции не може многу да направат оти не се доволни. Не кријат дека понекогаш плаќаат и сметки со тие пари и кажуваат дека доколку не им е субвенцијата, има месеци во годината кои тешко би ги преживеале без државната помош.