23 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Вработените во Македонска пошта денеска организираа масовни протести во повеќе градови низ државата, поради неисплатената плата, иако веќе е 23 јануари. Со транспаренти и јасни пораки, тие порачаа дека без редовна плата нема да има ниту работа.
Претседателот на синдикатот во Македонска пошта, заедно со вработените, истакна дека протестите ќе продолжат сè додека платата не биде исплатена. Воедно, беше упатено предупредување до менаџментот дека доколку и следната плата не биде исплатена навреме, односно до 15 февруари, протестите ќе започнат веднаш, а не е исклучена ниту можноста за генерален штрајк на сите вработени.
Покрај финансиските проблеми, вработените алармираат и за крајно лошите услови за работа. Тие нагласуваат дека работат во објекти со азбестен кров, без греење, во дотраени и небезбедни простории, без основни услови за нормално функционирање. Според нив, ваквата состојба претставува сериозна закана по здравјето и безбедноста на вработените.
Кадрите од внатрешноста на зградата на Поштата, објавени од Инфомакс, ја потврдуваат алармантната состојба – влага, студ и запуштени простории кои, како што велат вработените, се „повеќе од катастрофални“.
Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, изјави дека „нема работа без плата“ и посочи дека до синдикатот стигнале информации оти лица блиски до раководството на Поштата вршеле притисок и се заканувале на вработените со цел да не излегуваат на протест.
Протестите не се одржаа само во Скопје. Вработените во сите градови низ државата денеска се собраа пред објектите на Македонска пошта, барајќи итна исплата на задоцнетите плати и достоинствени услови за работа. Тие порачуваат дека трпението е исцрпено и дека ќе продолжат со протестите сè додека нивните барања не бидат исполнети.
ССМ излегува на улица на 28 јануари, ќе се бара минимална плата од 600 евра
Бугарија привлекува нова голема инвестиција: 10 милиони евра за фабрика во Бургас
77 милиони денари за храна во Идризово, студентите добиваат трипати помалку
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

