македонија06 септември 2024 ВМРО-ДПМНЕ: Филипче мора да одговори зошто ја сокрил фирмата во Петрич од анкетниот лист
Адресата во Петрич, Бугарија која пратеникот и претседател на СДСМ, Венко Филипче сакал да ја сокрие очигледно е местото од кое се вртат парите на фамилија Заеви и Филипче. Тоа е адреса на која е фирмата на Филипче регистрирана на почеток за недвижнини, и тоа е истата адреса каде е и познатата фирма Медикал 420 БГ на Заеви, соопштуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Ова е фирма која има подружница и во Битола на чија адреса пак во 2022 година беа пронајдени наркотици вредни околу 800 илјади евра и покрај тоа што на фирмата ѝ била одземена лиценцата. Лиценцата за производство на марихуана ја добила од владата на Зоран Заев, кој се изземал од одлучување кога се одземала истата.
Од оваа фирма, за која Заев потврдил дека тој и негово блиско лице имаат интерес потекнува и дел од марихуаната која беше запленета, а во акцијата водена од американската ДЕА, Агенција за борба против дрога на запленување, беше уапсен и личниот шофер на Трајче Заев и полициски командир, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Венко Филипче е должен да одговори зошто ја сокрил фирмата во анкетниот лист, дали ја сокрил за да не се поврзе со Медикал 420 од која исчезнува марихуана и за да не се поврзе со скандалот да се оневозможи акцијата на американската ДЕА?