20 јануари 2026
• од Гоце Кически
Во колумна објавена на Tribuna.mk, публицистот Владимир Перев најголемиот дел од вниманието го посветува на улогата на Румен Радев во однос на, како што ги нарекува, „македонските Бугари“, особено по неговата оставка од претседателската функција и најавата за влез во парламентарната политика.
Перев пишува дека Радев бил првиот бугарски претседател кој примил организирана делегација од Македонија и директно ги сослушал нивните барања за човекови права. „Тој е првиот државник на Бугарија после цар Борис Трети кој прими организирана посета на поединци и организации од Македонија“, наведува Перев, додавајќи дека Радев ветил политичка поддршка и помош.
Според авторот, Радев ги исполнил своите ветувања „барем во доменот на неговите можности и реалната состојба на бугарското општество“, што, како што оценува, претставува пресврт во односот на официјална Софија кон ова прашање. Перев го опишува Радев како човек „без корени од Македонија“ и „офицер-пилот по образование“, но наведува дека токму тој успеал „да ја надмине полувековната летаргија на бугарското општество“.
Во колумната се наведува и дека Македонија отсекогаш била чувствителна тема во бугарската јавност, но дека Радев бил првиот актуелен претседател кој ѝ дал јасна политичка тежина. „Радев беше првиот, највисок државник во земјата со јасна политичка поддршка на македонските Бугари“, пишува Перев.
Осврнувајќи се на заминувањето на Радев од претседателската функција, Перев оценува дека неговото вклучување во активната политика ќе биде „нов предизвик, на поле полно со неизвесности“, при што конечната оценка за неговата политичка улога, според него, ќе ја дадат гласачите и времето.
Колумната завршува со порака на благодарност, при што Перев пишува дека „македонските Бугари ќе му бидат секогаш признателни и благодарни“ за ангажманот и поддршката што Радев ја покажал додека бил на чело на бугарската држава.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

