македонија28 јануари 2025 Владата го примила бугарскиот договорот за железнички тунел Коридор 8
На денешната седница, Владата на Македонија го примила предлог-текстот на Договорот за подготовка, градење и експлоатација на прекуграничен железнички тунел, поднесен од Бугарија. Министерството за транспорт соопшти дека овој договор е значаен чекор во реализацијата на проектите за модернизација на транспортната инфраструктура, кои ќе го поврзат нашиот регион со Европската Унија.
Како што објави Министерството, во наредниот период предлогот ќе биде разгледуван од работна група која ќе се формира за оваа цел. Работната група ќе биде составена од вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, министрите за финансии и за надворешни работи и надворешна трговија, Гордана Димитриеска-Кочоска и Тимчо Муцунски, како и директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Синиша Ивановски.
Министерството за транспорт истакнува дека Владата е целосно посветена на изградба и модернизација на европските транспортни коридори, вклучувајќи го и Коридор 8, кој претставува стратешки проект со големо значење за регионот. Владата во изминатите години вложува значителни напори за неговото реализирање, а продолжувањето на изградбата на источниот дел на железничкиот Коридор 8 е еден од главните приоритети.
„Коридор 8 е проект кој не само што ќе го подобри транспортот и поврзаноста во регионот, туку и ќе ги задоволи потребите на земјите што го користат. Потребно е заедничко делување со Бугарија во изградбата на тунелот, како и заедничка изградба на пругата што ќе го поврзе нашите железнички мрежи,“ изјавија од Министерството за транспорт.
Со цел да се обезбеди целосна функционалност на проектот, потребно е да се продолжи со изградба на пругата од бугарска страна, која недостасува до граничната точка, како и да се изврши модернизација на постоечката пруга од Ѓуешево до Софија.
Министерството исто така најави дека од македонска страна ќе се изврши ревизија на цената на чинењето на проектот, со цел да се осигура неговата одржливост и реализација во најкраток рок.
„Подобрувањето на поврзаноста во рамките на Западен Балкан и со земјите од Европската Унија е клучно за понатамошната интеграција на регионот. Оваа изградба ќе донесе значителни придобивки за економиите на земјите во регионот и ќе создаде нови можности за граѓаните,“ додаваат од Министерството за транспорт.