01 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ денеска на протестниот „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за смртта на нивните деца да ја избегнат правдата. Тие нагласија дека, иако дел од инволвираните лица веќе се на обвинителна клупа, според нив, одговорноста не е целосно утврдена.
Маршот започна напладне од „Паркот на Револуцијата“ и заврши пред зградата на Основниот суд и Јавното обвинителство во Кочани, каде родителите и поддржувачите побараа темелна и неселективна истрага.
Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“, во изјава за медиумите истакна дека суштината на нивната борба е во утврдување на институционалната одговорност.
„Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле“, изјави Наунов.
Тој посочи дека најавеното свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување на предметот и можноста за евентуално ослободување на дел од обвинетите предизвикува дополнителна загриженост кај семејствата.
„Колегиумот може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт“, нагласи тој.
Според Наунов, прашањето не е кој во критичните моменти трчал, се плашел или спасувал, туку кој имал законска и морална обврска да постапи навреме и не ја исполнил.
„Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе нè одолговлекувате, но нема да нè замолчите. Вистината ќе излезе на виделина“, порача Наунов.
Родителите најавија дека ќе продолжат со јавни собири и институционални иницијативи сè додека, како што велат, одговорноста не биде целосно утврдена и санкционирана.
Израелската армија соопшти за најголемата воздушна операција во својата историја
Силна поддршка од Трамп до народот на Иран: Америка стои зад вас со огромна сила
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

