Величковски: Македонија станува дел од „српскиот свет“ на штета на европската иднина
Антиевропскиот сентимент во Македонија – нов ризик за стабилноста на Балканот, изјави за Локално Величковски
Политиката на македонскиот премиер Христијан Мицкоски сè повеќе добива контури на геополитичка ориентација кон националистичките и евроскептични лидери како Доналд Трамп, Виктор Орбан и Реџеп Таип Ердоган. Неговите последни чекори во меѓународната политика, вклучувајќи го молкот во однос на клучните европски резолуции и неодамнешните дипломатски маневри, го отвораат прашањето – дали Македонија се оддалечува од Европската Унија? Македонија не го поддржа усогласениот став на Европската Унија за Украина во Генералното собрание на Обединетите нации, што аналитичарите го гледаат како обид за дистанцирање од западната политика и сигнал за поддршка на поумерен однос кон Русија. Овој потег е во линија со политиките на Орбан, кој отворено се противи на санкциите кон Москва, и со тактичкиот пристап на Ердоган, кој балансира меѓу Западот и Русија. Со честите повикувања на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Мицкоски се обидува да создаде впечаток дека Македонија би можела да гради посебна релација со САД надвор од европските интеграции. Овој пристап е ризичен, бидејќи Трамп, доколку повторно стане претседател, може да води политика на повлекување од меѓународните институции, што би ја оставило Македонија без поддршка во нејзиниот евроатлантски пат. Врската меѓу Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан е добро позната, особено ако се земе предвид дека токму Унгарија му даде азил на поранешниот македонски премиер Никола Груевски. Орбан ја користи својата позиција во ЕУ за да блокира одлуки што не му одговараат на Кремљ, а неговото влијание врз Македонија може да значи продолжување на таквата политика во регионот.
Лидерот на Движењето за нова република, Ивон Величковски, во изјава за „Локално“ нагласува дека ВМРО-ДПМНЕ работи на враќање на Северна Македонија во сферата на влијание на Србија, Унгарија и Русија, наместо на приближување кон Европската Унија. Според него, ВМРО-ДПМНЕ, и пред и по изборите, има за цел да го позиционира Скопје во политичка оска со Белград, Бања Лука, Будимпешта и Братислава, при што ја гледа како „линија на лавирање“ меѓу Вашингтон и Москва. Тој додаде дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ останува спротивставена на европскиот пристап и дека со неспроведување на обврските од Преговарачката рамка, само формално ја блокира државата на патот кон Унијата. Величковски нагласи дека слична политика се спроведува и со поддршка од СДСМ, кој, според него, не се спротивставува на надворешната политика што ја одржува Северна Македонија во зоната на „српскиот свет“. Тој потенцираше дека само Движењето за нова република отворено укажува на потребата Северна Македонија да остане посветена на европските интеграции и на заедничката европска одбранбена политика.
,, И пред и по изборите ВМРО-ДПМНЕ сака да го врати Скопје во оската со Белград-Бањалука-Будимпешта-Братислава, замислувајќи ја како „линија на лавирање“ меѓу Вашингтон и Москва. Ако Мицкоски мисли дека ќе биде поблиску до Белата куќа „намигнувајќи“ кон Москва, за ефектот од потценувачкиот однос во ваквата политика нека ја проанализира посетата на полскиот претседател Дуда на САД. Вашингтон и Брисел (во моментот) концептуално се разликуваат во поглед на гаранциите за одржлив, праведен и траен мир и видот на ангажманот потребен за таков мир во Украина. Останувам на очекувањето дека уште некое време ќе продолжат амплитудите во решенијата, емоциите и пристапите кон постигнувањето мировно решение. Американскиот пристап појдовно е договор со прашални гаранции за Украина фокусиран на критичните суровини, во кој и украинската и воопшто европската безбедност е второстепено прашање. Европскиот пристап е сеопфатен и затоа се фокусира особено на гаранциите за Украина – како прашање за европската безбедност. Претпазливоста на ЕУ се темели на Кремлинската пракса секој досегашен договор да биде вовед во нови анексии на делови од Украина, со цел Русија да го префрли влијанието во Црноморието и од Молдова кон Балканот, со паралелен притисок кон балтичките држави. Но токму ова Европа ја води кон компримирање и оспособување да води и заедничка одбранбена и надворешна политика и во тоа нема разлики со Обединетото Кралство. Да одговорам прецизно на Вашето прашање: и оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ по 2024, како и онаа до 2016 останува спротивставена на европскиот пристап – и не ја сака интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Неспроведувањето на обврските од Преговарачката рамка се само средство за формално блокирање на земјата. Тоа е покритие за одбивноста на Владата, на ВМРО-ДПМНЕ, но и на нејзините сопственици: југо-советските односно српско-руските тајкуни, нивните партии, медиуми, невладини… за членство на РСМ во Унијата, сосе обврските што тоа ги носи во економијата, финансиите, борбата со корупцијата, владеењето на правото… се до заедничката надворешна и одбранбена политика, која не е од интерес на Русија и нејзините проксија. „Новитет“ е што ова сега се одвива во практично содејство со СДСМ, кој не се спротивстави на надворешната политика на Владата заснована на премисата Северна Македонија полујавно да остане во зоната на „српскиот свет“. А оваа „зона“ е дел од проектираната линија на прекин на заедничката европска одбранбена и надворешна политика од Балканот до Средна Европа. Заедно си го дочекаа Додик, заедно му ракоплескаа. Затоа и не инсистираат на амандманот за дополнување на Преамбулата Да резимирам: Ако (за сега) неформален политички ентитет, во моментот само Движењето за нова република јасно укажува дека Северна Македонија припаѓа во ЕУ и има национална и континентална обврска да помага во градењето и да учествува во заедничката европска (одбранбена) политика. Впрочем транс-атланското партнерство тоа не го исклучува, напротив. Сите тоа го знаат – но очигледно немаат сила тоа да го кажат. Или не смеат?” изјави Величковски