Васил Јованов призна вина за смртоносното прегазување на Фросина Кулакова
Обвинетиот Васил Јованов, кој на 29 јануари 2025 година ја прегази Фросина Кулакова на пешачки премин кај Универзална сала во Скопје, денеска на судењето ја призна вината и изрази каење.
„Разбирам за што сум обвинет. Ќе се произнесам за мојата вина. Сакам да изразам најдлабоко сочувство кон целото семејство. Да се извинам за тоа што го сторив. Да суде, виновен сум“, изјави Јованов во судницата.
Според обвинението, Јованов управувал возило со брзина од 91 километар на час по булеварот „Партизански одреди“, без возачка дозвола и под дејство на алкохол. Трагедијата се случила на пешачки премин, каде Јованов поминал на црвено светло за возила, при што ја удрил Кулакова, која ја преминувала улицата на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Кулакова се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.
Случајот предизвика силни реакции во јавноста и покрена дебата за безбедноста на пешаците и контролата на сообраќајот во Скопје. Очекувањата се дека судот ќе ја изрече пресудата во наредниот период.