Украдено службено возило на градоначалникот на Аеродром – пронајдено во Маџари
Службеното возило на градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, било украдено, но брзо потоа и пронајдено од страна на полицијата. Настанот бил пријавен во Полициската станица Аеродром на 7 април 2025 година во 22 часот.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), возилото – патничко „ауди“ со скопски регистарски ознаки – било одземено од гаражата на општината, лоцирана на булеварот „Јане Сандански“, во периодот од 4 април (15:30 часот) до 7 април (20:40 часот). Возилото е во сопственост на општина Аеродром.
По пријавата, полицијата извршила претрага и возилото било пронајдено на улицата „Перо Наков“ во скопската населба Маџари. При пронаоѓањето било утврдено дека недостасува една од регистарските таблички.
Од МВР информираат дека се преземаат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот, а истрагата е во тек.