03 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, остро ја критикува Владата за, како што вели, пропуштената можност минатата година да се зголемат платите на работниците за најмалку 6.000 денари. Во објава на својот Фејсбук профил, Трендафилов посочува дека причината за незголемувањето на платите не е економска, туку политичка – „егото и инатот на поединци во Владата“.
Според него, работодавачите биле подготвени да ги зголемат платите доколку Владата привремено се откажела од дел од придонесите. Тој тврди дека ваквото решение ќе донело корист и за работниците и за државниот буџет, бидејќи по истекот на временскиот период на олеснување, придонесите ќе се плаќале врз основа на зголемените плати.
„Доколку минатата година не тераа инат, олеснувајќи го притисокот врз работодавачите во делот на придонесите, денеска работниците ќе имаа за 6.000 денари повисоки плати“, истакнува Трендафилов. Тој додава дека на месечно ниво во буџетот ќе се слевале над 10 милиони евра, а на годишно ниво повеќе од 120 милиони евра.
Наместо тоа, вели Трендафилов, Владата избрала политика на задолжување и земање кредити, чии последици ќе ги сносат идните генерации. Според него, ваквиот пристап ја води државата кон статус на една од најсиромашните во Европа, со најсиромашни работници.
Во својата порака, претседателот на ССМ ги повика работодавачите да ја прифатат „подадената рака“ на работниците и заеднички да извршат притисок врз Владата да застане на страната и на бизнисот и на работниците. Тој предупреди дека доколку институциите не постапат во интерес на граѓаните, ќе следуваат следни фази на синдикална борба, вклучително и блокади, протести и генерален штрајк.
„Бизнисот и работниците одлучуваат кој ќе ја води државата. Ако тие што се избрани не работат во нивен интерес, лесно ќе бидат заменети“, порача Трендафилов.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

