23 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, преку објава на социјалните мрежи упати остра критика до политичките партии, обвинувајќи ги дека наместо да го подобруваат животниот стандард, го делат народот по партиска основа, додека сиромаштијата расте.
Во својата реакција, Трендафилов истакнува дека од почетокот на 2026 година ССМ организирал два големи работнички протести и три блокади на институции, со цел да се сврти вниманието на властите кон реалните проблеми со кои се соочуваат работниците.
„Протестите беа организирани на барање на работниците, од работниците, за работниците, затоа што македонските работници денеска се најсиромашни на Балканот, а веројатно и пошироко“, наведува Трендафилов.
Тој обвинува дека политичките елити, наместо да се фокусираат на економските прашања, се обидуваат да го „обојат“ работничкото незадоволство, делeјќи ги граѓаните на „свои и нивни“. Според него, ваквиот пристап не само што не ги решава проблемите, туку дополнително ја продлабочува сиромаштијата.
Според податоците што ги изнесува, вредноста на синдикалната минимална кошница е зголемена за 2.326 денари, што директно влијае врз падот на животниот стандард. Воедно, прагот на сиромаштија изнесува 31.200 денари, а дури една третина од работниците – над 150 илјади лица – живеат со приходи под овој праг.
Трендафилов ја критикува и најавата на Владата за усогласување на минималната плата, оценувајќи дека зголемувањето од 1.667 денари е „премалку, недоволно и срамно“, особено во услови на растечки трошоци за живот.
Дополнително, тој реагира и на, како што вели, обидите за политичко влијание врз протестите, обвинувајќи дека се испраќале луѓе со партиски обележја со цел да се дискредитира синдикалното движење.
„Го поделивте народот на ваши и нивни, но и вашите и нивните се сиромашни“, потенцира Трендафилов, додавајќи дека политиката не ги решава егзистенцијалните проблеми на граѓаните.
Тој нагласува дека ССМ ќе продолжи да се бори за повисоки плати и подобри услови за работа, притоа дистанцирајќи се од какви било политички амбиции.
„Ние ќе продолжиме да зборуваме за плата, а вие продолжете да зборувате за политика – но запомнете, политиката не ги прехранува работничките семејства, туку платата“, порачува Трендафилов.
Воедно, ССМ годинава одбележува 80 години од своето постоење, што, според Трендафилов, е доказ за долгогодишната синдикална борба, но и за континуираните притисоци со кои се соочува организацијата.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

