Тренчевска: Срамно и бедно е Лефков да тврди дека со закон за помош на семејствата во Кочани се руши правниот поредок
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, остро реагираше на изјавата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој тврдеше дека предложениот закон за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани претставувал рушење на правниот поредок.
„Преслушај се уште еднаш, Лефков, верувам ќе се засрамиш од вакви изјави“, му порача Тренчевска преку објава на својот профил на Фејсбук.
Таа го осуди неговиот коментар како срамен и небулозен, истакнувајќи дека токму законите се алатката преку која институциите можат да реагираат во вакви тешки моменти и да пружат поддршка на семејствата што поминуваат низ човечка голгота. Како пример го наведе постоењето на Законот за бранителите, кој предвидува конкретни поволности за одредена категорија граѓани, без при тоа да се доведува во прашање уставниот поредок.
Според неа, изјавата на Лефков е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ нема чувство ни за срам, ни за одговорност. Таа додаде дека со неговата изјава, Лефков ја отворил вратата за партиски напади и манипулации, кои сега се повторуваат како мантра од страна на неговите сопартијци.
„Ништо не научивте од трагедијата во Кочани. Не само што не понудивте решение, туку не успеавте ниту да се соочите со болката на семејствата, ниту да му помогнете на градот. Наместо поддршка – навреди. Наместо одговорност – политички игри. Дното одамна е пробиено“, заврши Тренчевска.