18 септември 2025
• од Станча Јаќимовски
Пратеничката од СДСМ, Јована Тренчевска, денеска на прес-конференција во Собранието порача дека жените не смеат да живеат во страв и побара навремена и ефикасна реакција од сите надлежни институции за заштита и спречување на насилството.
Во име на Клубот на жени пратенички, Тренчевска истакна дека групата едногласно ги поддржала измените на Кривичниот законик, со кои за првпат фемицидот се препознава и третира како кривично дело.
„Бараме од институциите да ги преземат сите мерки за заштита на жртвите и превенција на фемицидот. Судските органи мора да ги применуваат одредбите од Истанбулската конвенција и усогласените измени во Кривичниот законик“, рече Тренчевска.
Нејзината изјава доаѓа по последното двојно убиство во Велес, како и по зачестените случаи на насилство врз жени во државата.
„Фемицидот е најтежок облик на насилство врз жените, само затоа што се жени. Жените мора да се чувствуваат безбедно и сигурно, а тоа е должност на сите институции“, додаде таа.
Тренчевска нагласи дека насилството врз жените мора да биде јавно осудено и институционално санкционирано.
„Ние, жените од парламентот, остро и едногласно ги осудуваме случаите на свирепо насилство и фемицид. Нашата реакција е јасна – бараме ефикасна превенција и заштита, за да ставиме крај на овој опасен феномен“, изјави таа.
Со ова, СДСМ уште еднаш го нагласи ставот дека борбата против насилството врз жените е приоритет и потреба која бара заедничка акција од сите општествени и институционални структури.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден