28 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Прашањето за целосно отворање на архивите на поранешната УДБА повторно се најде во фокусот на јавноста, откако лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја актуелизираше темата и ја стави во иста рамнина со уставните измени и Договорот со Бугарија. Овој потег предизвика реакции од власта, која тврди дека архивите биле отворени пред околу петнаесет години, но тогаш беа објавени само досиејата на „обработуваните“ лица, додека имињата на информаторите останаа зацрнети.
Професорот Дејан Трајковски во објава на Фејсбук оценува дека инсистирањето на Филипче очигледно допира до чувствителна точка кај власта. Тој посочува дека наместо сериозна дебата, јавноста беше сведок на потсмев од страна на водител на провладина телевизија, што, според него, укажува дека темата не е без тежина.
Трајковски изнесува шпекулација дека во врвот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ можеби има лица, или нивни блиски соработници, кои во минатото биле поврзани со УДБА. Според него, токму тоа би можело да биде причината за нервозната реакција и избегнувањето на целосно отворање на архивите.
„Политиката обично не реагира толку бурно на празни теми“, наведува Трајковски, сугерирајќи дека зад одбивањето можеби стојат конкретни причини и страв од политички последици.
Професорот оди чекор понатаму и отвора можност дека доколку во СДСМ навистина располагаат со дополнителни информации, можно е да се подготвува нова афера, условно наречена „Бомби 2“, која би имала за цел компромитирање на власта и отворање простор за нејзино детронизирање.
Според него, симптоматично е што темата за УДБА се појавува токму сега и се става во директен контекст со владејачката партија. Тој укажува дека прашањето за архивите не е само историско, туку има потенцијал да стане силно политичко оружје.
Трајковски потсетува дека ако Бугарија ја користи темата за УДБА за да укаже на наводна репресија врз Бугарите и бугарофилите во времето на СФР Југославија, денес ова прашање очигледно се користи и за внатрешно-партиски пресметки.
Суштинското прашање, според него, е зошто по повеќе од три децении независност сè уште постојат имиња што мора да останат скриени. Ако нема што да се крие, вели тој, тогаш нема ни причина за страв од сопственото минато. Самото постоење на тајни, според Трајковски, значи дека УДБА не е само дел од историјата, туку „живо политичко сениште“ што и понатаму влијае врз актуелните процеси.
Во наредните недели ќе стане појасно дали станува збор за почеток на сериозна пресметка со скриените страници од поновата историја или за уште една политичка битка во пресрет на нови турбуленции на домашната сцена.
Израелската армија соопшти за најголемата воздушна операција во својата историја
Силна поддршка од Трамп до народот на Иран: Америка стои зад вас со огромна сила
Останува во сила забраната за пиење вода во Струга, заматеноста е намалена
Бугарската банка за развој се приклучи кон новата иницијатива на ЕК „EastInvest“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

