27 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Адвокатот Александар Тортевски во емисијата „Вин-Вин“ упати остри критики за начинот на кој се применуваат мерките во случајот со Артан Груби, оценувајќи дека одлуката за куќен притвор остава впечаток на однапред договорено сценарио.
Според Тортевски, целиот случај наликува на „наместена утакмица“, и тоа, како што рече, „наместена многу апла“.
„Ако ова беше спортски настан, публиката ќе викаше – уа, шиткачи! Ова е наместена утакмица. Проблемот е што ја наместиле многу апла“, изјави тој, алудирајќи на сомнежите дека исходот бил однапред познат.
Тој направи паралела со претходни случаи во кои осомничени лица, додека се наоѓале во странство, најавувале дека ќе се вратат во земјата и веднаш по слетувањето биле приведувани. Според него, ваквите ситуации укажуваат на постоење на договорени сценарија меѓу институциите и осомничените.
„Имало и други случаи кога лица беа во странство, најавија дека ќе слетаат и беа апсени на аеродром. Истото се повторува. Ова е игранка договорена однапред“, рече Тортевски.
Покрај конкретниот случај, адвокатот го отвори и прашањето за пошироката практика на одредување притвор во Македонија. Според него, мерката притвор често се применува несразмерно, особено во случаи на ситен криминал.
Тортевски посочи дека во земјата има голем број притворени лица за дела со значително помала тежина, при што обвинителството редовно го користи аргументот за „можно бегство“ како основ за одредување притвор.
„Во Македонија има сигурно 1000 притвореници за многу помали дела, кои не бегале, но обвинителството им става основ за можно бегство. 90% од затворениците не треба да се во притвор. Се лежи за ситен криминал, а кој од високите функционери одлежал за крупен криминал?“, праша тој.
Според Тортевски, различниот третман на обвинетите – од една страна строги мерки за ситни дела, а од друга поблаги мерки за високи функционери – создава чувство на селективна правда.
Тој предупреди дека ваквата пракса ја поткопува довербата на граѓаните во правосудниот систем и ја засилува перцепцијата дека законот не се применува еднакво за сите.
Со овие ставови, адвокатот ја отвори дебатата за потребата од доследна и рамноправна примена на мерките, особено кога станува збор за случаи со високи јавни функционери.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

