од Вардарски
Генералниот секретар на Конфедерацијата на синдикати и поранешен лидер на Независниот полициски синдикат, Гоце Делчев Тодев, остро ја критикува државата и институциите по трагедијата во Кочани. Во гостување во емисијата „25 минути“ на ТВ „Шења“, Тодев откри дека полицаецот кој пред неколку години предупредил дека дискотеката „Пулс“ е небезбедна, денеска се наоѓа во притвор.
Според него, овој случај е јасен показател дека институциите не ги преземаат своите законски обврски, а политичката одговорност е целосно отсутна.
„Народот гледа сè. Што сите власти досега направиле или не направиле за да нè заштитат? Денес гледаме – полицаецот што алармирал е во притвор, а оние што требале да постапат, се уште не одговараат. Тоа е трагедијата во системот“, изјави Тодев.
Тој посочи дека виновноста не може да се сведува само на поранешни функционери, туку одговорност мора да понесат и актуелните раководители на институциите.
„Ако и од оваа трагедија излезе дека виновен е некој од пред десет години, а сегашните функционери се чисти, тогаш имаме проблем самите со себе“, истакна Тодев.
Во емисијата, тој ја критикуваше праксата на политички поставувања во клучни институции, нагласувајќи дека тоа ја подрива професионалноста и безбедноста.
„Имате службеник кој во 2023 година изготвил службен материјал во кој јасно пишува дека дискотеката е небезбедна и предлага нејзино затворање. Истиот тој денеска е во притвор, а раководителите кои требале да постапат – не се ни повикани на одговорност“, посочи тој.
Тодев не ја штедеше ни обвинителската служба ниту Министерството за внатрешни работи, барајќи од нив да се охрабрат и да поведат постапки и против актуелни функционери.
„Да сум обвинител или министер за внатрешни работи, би знаел кој треба дополнително да се апси. Уште 50 лица треба да завршат во притвор – не само од МВР. Нека одговараат пред судот, тоа е правдата“, заврши Тодев.
Неговите изјави фрлаат светло врз еден сериозен проблем – одговорноста во институциите и селективната правда. И додека јавноста бара одговори, останува отворено прашањето: кој навистина ќе понесе одговорност за трагедијата во Кочани?